Подмачкување на ланецот
Подмачкувањето на ланецот на вашиот велосипед е постапка која секој од вас треба да ја практикува на минати приближно 250-350км, или доколку почувстувате дека вашиот ланец чкрипи и е премногу бучен. Јас ќе го споделам мојот начин кој го користам преку 30год минати на велосипед. Прво потребно е да купите масло за велосипед. Постојат неколку типови, во зависност каков велосипед возите. За друмски велосипеди често се користи суво масло со додаток од восок или тефлон. За планински велосипеди се користи ткн влажно масло, кое начелно подобро подмачкува, но од друга страна повеќе го валка ланецот.
1. Немојте да користите средства за чистење на ланец, бидејќи со нив го отстранувате целосно маслото од ланецот како и од внатрешноста на осовинчињата.
2. Земете една памучна крпа. Цврсто држете ја крпата додека влечете по целата должина на ланецот. Правете го тоа се додека ланецот не стане чист и не остава траги на крпата.

3. Во исто време исчистете ја и касетата такашто ќе минувате со крпата помеѓу звездите на касетата. Со работ на крпата навлезете меѓу звездите и вртете ја целата касета. Повторете го ова за сите звезди.

4. Исчистете го исто и предниот погон со бришење.

5. Земете го маслото и капнувајте по една капка од маслото на секое осовинче.

6. Подигнете го велосипедот и направете неколку вртења на ланецот. Во исто време со задниот менувач движете го ланецот нагоре надолу по звездите, со цел распределување на маслото на сите звезди.
7. Доколку користете масло на восочна основа добро е ова да го направите неколку часа пред возење.
8. И за крај, доколку возите некогаш по дождливо време, по враќањето дома обавезно избришете го ланецот и повторно подмачкајте го, бидејќи ќе рѓоса преку ноќ.
